Забавник

Почитувани читатели на Мојот Забавник, што мислите за овој тежок избор: Треба ли да се обидеме да стапиме во контакт со вонземски цивилизации (доколку тие воопшто постојат) така што ќе испраќаме пораки на сите четири страни од Вселената? Или да си го затвориме “муцето” за да не внесеме некоја вонгалактичка цивилизација во искушение да направи од нас колонија? На ова тешко прашање се обидуваат да дадат одговор членовите на СЕТИ (Search for Extra-Terrestrial Intelligence). Овој американски институт создаден во 60-тите години од минатиот век се обидува со сите можни средства да влезе во врска со другите жители на вселената. Ако тие постојат, како што веќе рековме…

Поголемиот дел од неговите програми имаат едноставна задача : да се начули увото со цел да се чуе нешто што би изгледало како меѓугалактичка порака. Но сè повеќе лица сакаат програма со која ќе се испраќаат такви пораки од Земјата, што заплашува многу астрономи, вклучувајќи го и познатиот Стивен Хокинг. Тој ни препорачува да си останеме мирни во нашата дупка: “Ако еден ден не посетат вонземјани, мислам дека последиците ќе бидат поголеми и од оние што настанаа со откривањето на Америка од страна на Кристофер Колумбо. Да ве потсетам, тогаш Индијанците многу лошо поминаа.” Според него, ако дојде до тоа повеќе би било актуелно сценариото на филмот “Марс напаѓа” од Тим Бартон отколку она на симпатичниот “И-ти” од Стивен Спилберг. Според принципот на претпазливост, многу научници ни препорачуваат да ја задржиме радио-тишината.

Во потрага по универзален јазик

На ваквиот страв со потсмев гледаат поборниците за дијалог и наведуваат најмалку два аргументи. Прво, тоа што веќе направивме доволно бучава во вселената со нашите радио и ТВ емисии, радари, инфрацрвени врски итн. за вонземјаните да не можат да не забележат. Второ, ако “Марсовците” бараат планети што можат да ги искористат, ќе изберат недопрени светови кои веројатно ги има милиони во универзумот.

Како и да е, пред да се прати пораката, треба да се прашаат сите жители на земјата што таа треба да содржи. Нешто како: “Здраво другарчиња, имаме чуден проблем со нашава Земја, нешто глобално ни се затоплува, да не имате некој паметен совет да ни дадете?”. Откако пораката ќе биде спремна, ќе треба да одредиме кон која галаксија да ја испратиме. Прашање е за колку илјади или милиони години таа ќе ја достигне својата цел?

Заборавивме важен детаљ – на кој јазик да биде нашата порака? Од пред 20-тина години, експертите на SETI се среќаваат редовно за да создадат еден универзален јазик. Тие тежнеат кон мешавина на симболи и математички операции. Други укажуваат на музичка порака. Идејата е добра… само да не ја испратиме песната “Кад ми небо буде дом” на Каролина, вонземјаните може лошо да ја разберат!

Advertisements

Историска победа на противниците на бикоборството. Членовите на каталонскиот регионален парламент во Барцелона, во североисточниот дел на Шпанија, изгласаа забрана за оваа свирепа традиција, со 68 гласови за и 55 против. Каталонија така станува вториот шпански регион каде бикоборството се забранува, по Канарските острови во 1991 година. Сè започна со граѓанска иницијатива во 2008 година која ја потпишаа 180.000 лица, а забраната беше изгласана по седуммесечна дебата.

Бранителите на бикоборство пред сè ги истакнуваа економските ризици поврзани со забраната на овие претстави, кои во Каталонија би можеле да чинат 500 милиони евра. Само за надоместоци за вработените што ќе останат без работа се потребни 400 милиони евра.

Културата и идентитетот беа втор аргумент за зачувување на бикоборството. Според познавачите, тоа е дел од каталонскиот идентитет, има општествена функција и неговите противници тоа го прават од политички причини, особено за да влезат во судир со шпанската федерална влада.

Заштитниците на животните многу и се израдуваа на оваа одлука и се надеваат дека таа ќе биде “заразна” и за другите шпански региони.

Чудно животно и единствен примерок од ваков вид, така го опишуваат диносаурусот Конкавенатор корковатус палеонтолозите што неодамна го открија во шпанската провинција Куенка. На грбот на овој месојаден предатор се наоѓала невообичаена грпка, а на подлактиците додатоци слични на птичји пердуви. Диносаурусот живеел пред 120 до 150 милиони години, бил долг 6 метри и одел на задните нозе. Веројатно се работи за “примитивен” предок на семејството на кархародонтосауруси (“гуштери со остри заби), најголемите диносауруси предатори од кои некои го надминувале по големина и тежина познатиот Тираносаурус рекс. Благодарејќи на речиси комплетниот скелет на откриениот рептил што одлично се зачувал со времето, шпанските палеонтолози можеа да ги проучат неговите две чудни особини. Конкавенатор имал еден вид на грпка што ја сочинувале два хипертрофирани пршлени во средината на ‘рбетот, а не се знае за што таа служела. “За прв пат гледаме ваква структура на ‘рбетниот столб кај диносаурус, иако се тие чести кај некои денешни животни, на пример, кај кравите”, рече Фернандо Екасо, професор на мадридскиот универзитет. Што е уште почудно, истражувачите открија кај диносаурусот серија на мали испакнатини во коската на подлактица, чија структура и распоред се слични на спојните точки на пердувите кај поголем број птици. Но научниците велат дека не може со сигурност да се каже дали навистина се работело за пердуви.

Оваа информација од списанието Њу Сајантист одекна како бомба во светот на палеонтологијата. Истражувачите Џон Сканела и Џек Хорнер заклучија дека некои диносауруси наголемо ја менувале нивната морфологија од раните до зрелите години.

Ова посебно важи за Трицератопс и Торосаурус, два диносауруса што живееле пред 65 милиони години, а кои досега се сметаа како сосема различни видови. Според проучувањата на Сканела и Хорнер, всушност се работи за еден ист вид, но во различни фази на животот.

“Черепот бил подложен на големи промени во текот на нивниот живот, така што станувал сè поголем. Се појавиле рогови, а потоа исчезнале. Черепот толку се менувал во текот на животот што палеонтолозите отсекогаш ги сметаа како различни видови. Трицератопс имал три рокчиња на предниот дел од лицето, а задниот дел на вратот му бил збиен. Торосаурус исто така имал три рогови, но ориентирани различно, а задниот дел на вратот му бил многу подолг, потенок и заоблен и имал две шуплини. ”


Погоре, еден череп од Торосаурус. Подолу, череп од Трицератопс.
Тоа значи дека Трицератопс е млада верзија на Торосаурус, објаснува списанието. Ова откритие веќе ја однесе првата жртва: Торосаурус повеќе не постои како вид. На долг рок, можно е тоа да се случи и со други познати видови. Палеонтолозите отсега ќе мора да ги земат во предвид големите промени во черепите на диносаурусите за да не дојде до погрешно толкување на еволуцијата на видовите и преценување на нивната разновидност.

Имаш брат што те нервира или сестра жива досада? Следи ги нашите совети и со малку психологија твоите проблеми ќе станат минато.


1. ситуација

Твојот помал брат ти краде работи.

Се разбира дека тоа ти оди по живците. Објасни му дека не смее да чепка по твоите работи кога не си тука, но дека се согласуваш да му позајмеш нешто одвреме-навреме под услов убаво да те замоли. Ако не разбира, објасни им на твоите родители. Секогаш зборувај смирено со него. Не заборавај дека ти ги зема работите затоа што ти си му идол.

2. ситуација

Ја делиш истата соба со сестра ти и таа цело време те нервира.

Веројатно и ти ја нервираш неа. За да го избегнете тоа, заедно напишете собен правилник. Поделете ја собата на 3 дела: еден за тебе, еден за неа и еден заеднички дел. Одржувајте потполна тишина кога некој од вас работи или чита. Секој нека го средува редовно сопствениот простор, а еднаш седмично средете ја заедно собата. Слушајте заедно музика што ви се допаѓа или играјте со вашата омилена игра. Но исто така договорете се кога секој(а) од вас ќе може да биде сам(а) во собата.

3. ситуација

Брат ти е како лепенка, не те напушта ниту кога одиш во веце.

Или пак ти се меша во разговорот со другар(к)ите? Сака цело време да играш со него? Иако не е лесно да имаш мал брат што постојано ти се плетка во нозете, не биди престрог(а) со него. Причината што те следи како кученце е што те сака и што ти си му пример, а кога е покрај тебе се чувствува како поголем. Предложи му да те остави на мир еден ден во седмицата, на пример во сабота, а во замена за тоа во недела ќе останеш цел ден со него. Ако не прифати, зборувај за тоа со твоите родители.

4. ситуација

Сестра ти е галеничето на твоите родители, а тебе никој не те сака.

За ова твое чувство има име: љубомора. Сите деца се љубоморни на браќата или сестрите, значи ништо страшно не ти се случува. И ти поминуваш низ фаза на љубомора која ти помага да се изградиш како личност и да научиш да ги делиш работите што е едно од правилата на соживотот. Твоите родители те сакаат поинаку од твојата сестра зашто си различен(на) од неа. Ако повеќе те караат, веројатно е затоа што правиш повеќе глупости од неа. Доколку не е така и мислиш дека си жртва на неправда, зборувај со нив за овој проблем.

5. ситуација

Брат ти прави сè за да те изнервира.

Веројатно е љубоморен и се плаши да не ја украдеш сета родителска љубов, па тоа му е некој вид одмазда. Остани кул кога сака те изнервира. Ако на пример ти го исклучи телевизорот додека ја гледаш твојата омилена емисија, насмевни се и кажи му дека баш сакаше тоа да го направиш за да можеш да читаш. По одредено време ќе види дека неговата агресивност те остава сосема рамнодушен(на) и ќе престане да те вознемирува.

6. ситуација

Твојата постара постојано сестра ти наредува.

Како прво дете на твоите родители, таа сигурно тешко го прифатила твоето доаѓање во семејството. Кога ти дава наредби, сестра ти ти вели “Јас бев тука пред тебе, значи јас сум таа што одлучува”. Таа те гледа како растеш и се плаши да не ја надминеш. Немој да и се лутиш, но кога претерува објасни и дека е нелагодно за тебе и дека имаш чувство дека нема место за тебе. Дружи се повеќе со твоите пријател(к)и, така ќе добиеш самодоверба и таа тоа ќе го осети.

Во првото круг од вимблдонскиот турнир на американскиот тенисер Џон Изнер му требаа “само” 11 часа и 5 минути за да го победи Французинот Никола Мау.

Мечот почна попладнето на 22. јули, следниот ден беше повторно прекинат поради ноќта и се заврши дури на 24. јули. Трибините на игралиштето број 18, кои располагаат со само 782 места, стануваа сè помали како мечот напредуваше и привлекуваше нови гледачи. Најдолг беше последниот, петти сет кој траеше повеќе од осум часа, а заврши со резултат 70 гема против 68.
Покрај рекордот за најдолгиот натпревар во историјата на тенисот, двата спортисти поставија и два други рекорда: најмногу гемови во еден сет (183) и најголем број на асови (112 за Изнер и 103 за Маи).
На неговиот претходен меч со кој се квалификуваше за првиот круг, Французинот Мау веќе направи мал рекорд со тоа што победи во решавачкиот сет со 24-22.

Претходниот рекорд за најдолг натпревар го држеа Французите Арно Клеман и Фабрис Санторо кои во 2004. година играа 6 часа и 33 минути на турнирот Ролан-Гарос.

“Овој човек е вистински воин. Денес некој мораше да изгуби, беше чест за мене да играм против него” изјави Изнер по натпреварот во кратката импровизирана свеченост организирана во благодарност на двајцата играчи (и на судијата) што веќе влегоа во тениските легенди.

“Тешко ми е што изгубив, но овие три дена навистина беа неверојатни. Го одигравме најголемиот меч на сите времиња на најдоброто место, тоа е голема чест за нас”, потоа изјави Мау.

Спортските коментатори веќе го очекуваат со нетрпение следниот натпревар помеѓу двата рекордери.

Внеси електронска адреса за бесплатно да го примаш месечникот.

Join 6 other followers

Архиви

Категории

Top Rated

Advertisements